Новости

Како го организиравме едукативното катче на здружението Игра


Просториите на здружението Игра сега имаат ново едукативно катче опремено со компјутери, LED телевизори, опрема за презентација и комплетен мебел. Во превод, корисниците сега имаат модерен простор за едукација, работа, но и забава. Простор каде што можат да си напишат биографија/CV, да направат презентации, да учат… Идејата е да им се помогне на корисниците за овие елементарни прашања, така што со помош на вработените во Здружението тие можат да бидат подобро подготвени за самостојното живеење и вклучување во заедницата.

Вработените на компанијата КИНГ ИЦТ со задоволство ги посетија просториите на Здружението, кои ги донираа сите приходи од четвртото издание на конференцијата Change, што се одржа на крајот на септември. Така ги поддржавме напорите на Здружението за спроведување на програма за поддршка на младите од алтернативна нега при нивното осамостојување и вклучување во животот во заедницата.

„КИНГ ИЦТ направи навистина голема работа за нас и нашите корисници. Нешто што дури и не може да се опише со зборови колку е значајно. Просторијата што ја уредија ја користиме за работилници, групна работа, супервизија, состаноци, индивидуална работа, советување, едукација, како и за поминување на слободното време на децата и младите. Сега имаме поголем број компјутери на кои младите кои излегле од домови и згрижувачки семејства можат да бараат работа, стан, да стекнат нови компетенции и вештини и да истражуваат содржини што во голема мерка ќе им помогнат да живеат самостојно и слободното време да го поминуваат во удобен простор“, истакна Маја Малчиќ, соработничка во здружението Игра.

„Децата што доаѓаат имаат разновидни содржини што можат да ги користат, а учесниците во нашата едукација имаат поудобен и функционален простор за работа. Придобивките се навистина многукратни и тешко е да се пребројат. Среќни сме и горди што КИНГ ИЦТ нѐ одбра и препозна нас и нашата работа, труд и посветеност на нашите корисници. Со тоа добивме ветер во грб и навистина сме неизмерно благодарни на тоа“, додаде таа.

„Среќен сум што воопшто добив можност да учествувам во оваа иницијатива, а најлесната работа беше всушност да ги составиме елементите и да го уредиме просторот. Благодарение на Change конференцијата и сите кои купиле билети, можам да кажам дека направивме добро дело и тоа во моментот кога Дедо Мраз го правеше својот список со подароци“, нагласи симпатичниот Анто Томаш, инаку администратор за базите на податоци на КИНГ ИЦТ, кој учествуваше во акцијата.

За тоа колку на младите им значат иницијативите од овој вид, можеби најдобро сведочи приказната на соработникот на КИНГ за човечки ресурси. „Додека волонтирав во Здружението пред неколку месеци, ми пријде еден млад човек кој сакаше да стане Software Developer. Иако неодамна се стекнал со занимање водоинсталатер, тој самостојно учи програмирање. Го поканив во ChangeCon да се дружи со нас. Одговори на поканата, дури и се сликавме заедно, а јас му ја дадов фотографија тој ден на конференцијата. На отворањето на просторот на здружението Игра дојде неговата сестра. Ја прашав за него, а таа ми кажа дека тој ја ставил баш таа слика на сред плакарот дома“, со насмевка ни кажа Жељко Ситар.

Веќе многу години, здружението Игра на разни начини им помага и дава поддршка на децата и младите без соодветна родителска грижа и на децата и младите со проблеми во однесувањето, кои растат или пораснале во домови и згрижувачки семејства, спроведува превентивни програми за деца, обезбедува советодавна и психотерапевтска поддршка за децата, младите и семејства, а обезбедува и разни обуки за стручните лица.

Од КИНГ ИЦТ порачуваат дека со задоволство ќе продолжат да се вклучуваат во хуманитарни иницијативи, а приказните како ова, велат тие, се уште поголем поттик да продолжат да им даваат рака на оние на кои тоа им е потребно.