Новости

Одржано предавање пред студентите за CRM


Во рамките на редовните предавања на д-р Мирослав Мандиќ, за CRM од прва рака говореа Томислав Видец и Ивица Иванчиќ. Целта на предавањето беше на студентите да им се приближи кориснички ориентираното работење и да се претстави како КИНГ го користи системот CRM во секојдневното работење.

Повеќе од 200 студенти осознаа што се случува во реалното работење на КИНГ, од одлуката за воведување на CRM до процесот на имплементација, а следуваа и конкретни примери за тоа како функционираат деловните процеси.

Студентите можеа да слушнат и како знаењата стекнати низ предавањата и вежбите можат да се користат во идната работа. На предавањата особено внимание им беше посветено на иднината на таа дисциплина, како и на улогата на стручњаците. Управувањето со односите со клиентите е деловна категорија што во денешно време може да има пресудна улога за успешното работење, а на стопанството му е потребно влијанието на младите стручњаци што ќе добијат можност да ги употребат своите стекнати знаења.

Со оглед на тоа дека редовното предавање е тематски поврзано со управувањето со кориснички односи, на студентите, секако, им се добредојдени искуствата „од терен“. Тоа го потврдија и позитивните реакции на студентите на предавањето.

Еве неколку коментари: „Сметам дека предавањето што го одржаа стручњаците од КИНГ ИЦТ, Видец и Иванчиќ, беше многу полезно и интересно. На директен и разбирлив начин ни ги пренесоа фактите за важноста на спроведувањето на CRM во едно претпријатие, како и многубројните предности што тоа го носи. Особено ми се допадна тоа што КИНГ ИЦТ покажа дека стои зад она што го работи и дека претпријатието што имплементира CRM за други, всушност, овој систем успешно го спроведува и во своето претпријатие. Сметам дека во тоа лежи и успехот на компанијата бидејќи причините за неуспех на многу претпријатија најчесто се резултат на пропуст во основните вредности, но и во активностите. Освен наведеното, за пофалба се понудата и волјата на студентите да им се овозможи и организира практика во квалитетна средина, како што е КИНГ ИЦТ. Сметам дека студентите што ќе добијат можност ќе имаат голема корист од тоа, при што ќе развиваат нови знаења и практични вештини“.

„Предавањето би го опишала како исклучително интересно и корисно, но и повеќе од тоа бидејќи гостите успеаја на јасен и едноставен начин да објаснат нешто многу сложено. Со конкретни примери им овозможија на студентите да ја разберат содржината на презентацијата и да си ги претстават процесите што се одвиваат во претпријатијата, а ја објаснија и важноста на структурираното работење и на CRM. Ни овозможија да научиме колку што е можно повеќе“.

„Сметам дека денешното предавање што го одржаа стручњаците од КИНГ ИЦТ, Видец и Иванчиќ, беше исклучително корисно и дека мене, а верувам и на моите колеги, ни даде увид во ИТ-страната на CRM што досега не бевме во можност да ја согледаме. Исто така, господин Иванчиќ ни укажа на предностите што системот CRM може да му ги донесе на претпријатието што ќе одлучи да го воведе и да го применува. Врз основа на одржаното предавање, најголемата корист од системот CRM ја гледам во поедноставувањето на административните задачи на вработените, централизацијата на релевантните информации на едно место, како и во фокусирањето на претпријатието и на вработените на она најважното – задоволството на клиентот и раното откривање на неговите потреби. Особено ми беше интересно да видам како претпријатието КИНГ ИЦТ ја спроведува практиката на управување со односите со клиентите во рамките на организацијата, што на некој начин го зголемува кредибилитетот на претпријатието, со оглед дека тоа е една од нивните специјалности“.